Идни фудбалери, преостанаа уште 6 дена за пријавување за фудбалска стипендија!

Идните фудбалери имаат само уште шест дена да се пријават за фудбалските стипендии  што Македонски Телеком ги доделува на 50 млади таленти. Рокот за пријавување е до 1 јули. Стипендиите се наменети за дечиња од 7 до 12 години кои ќе добијат можност да тренираат во младинската Фудбалска академија на ФК „Вардар“.

Ова е одлична можност за секое  дете на кое фудбалот му е најважната работа на светот, за малите брзи ножиња што трчаат и шутираат топка на маалскиот тревник секој ден или за оние кои сонуваат да станат фудбалски ѕвезди, а стварноста нема разбирање за нив без финансиска и клупска поддршка.

Првиот чекор за телентираните млади фудбалери е да снимат видео како жонглираат, како ја водат топката меѓу замислени препреки и шутираат во замислен гол, а потоа да се регистрираат на веб-страницата www.footballstars.mk, каде што ги има сите детали за процесот на аплицирање и селекција на најталентираните.

Од испратените видеа скаутите од Фудбалската академија на ФК „Вардар“ ќе ги повикаат сите играчи во кои препознале талент на голем настан во Скопје што ќе се одржи на 7 јули 2018. На него ќе бидат организирани повеќе фудбалски мечеви каде што младите фудбалери ќе можат да го покажат својот талент во живо. На крајот, скаутите ќе одберат најмногу 50 најталентирани кои ќе ги добијат стипендиите.

Младинската Фудбалска академија на најголемиот македонски фудбалски клуб „Вардар“ е местото каде што се остваруваат детските фудбалски соништа и од каде излегоа некои од нашите најуспешни фудбалери. Вардаровата школа е особено популарна последниве години, со новите вложувања во дополнителни терени, опрема и стручни лица, што придонесе голем број деца со огромна страст и желба да тренираат и да напредуваат во спортот. Затоа, оваа единствена можност треба да ја искористат сите  кои се гледаат себеси како ѕвезди на иднината и да станат стипендисти на Македонски Телеком и да тренираат со најдобрите во ФК „Вардар“.

Се вчитува...