Илиевски горд на својот Пелистер: Публиката ни помогна да ги надминеме проблемите со повредите

Пелистер уште повеќе се зацврсти на првото место на суперлигашката табела по триумфот над ТФТ од убедливи 83-64, со кој битолчани вторпат за петнаесетина дена го совладаа незгодниот ривал од скопско Тафталиџе.

„Зелено-белите“ се лидери на табелата уште од самиот старт на сезоната, а со вчерашниот триумф и математички го заверија пласманот во полуфиналето од плејофот, значаен успех ако се знае дека пред себе имаат уште осум средби од разигрувањето во Супер-лигата.

„Навистина не е мала работа да се стигне до плејоф-место по само две кола во Супер-лигата. Играме квалитетна кошарка цела сезона без оглед на честите повреди што не следат речиси на секој натпревар, против ТФТ уште еднаш покажавме дека можеме да играме на највисоко ниво и покрај сите проблеми. Фактот дека сме пласирани во плејофот не значи дека ќе се опуштиме, напротив, ќе сториме се што можеме за да забележиме што повеќе победи до крајот, за да ја осигураме предноста на домашен терен и во плејофот“, изјави Илиевски.

Битолската публика повторно во голем број дојде во салата „Боро Чурлевски“ за да им даде поддршка на „пелистерци“, нешто што е многу значаен фактор за успехот на овој тим.

„Од меч во меч бројот на публика е се поголем, тоа е доказ за квалитетот на овој проект и верувам дека како што ќе одминува сезоната така и поддршката ќе биде уште поголема. Тоа се виде и против ТФТ, меч на кој бевме без тројца важни играчи, но токму навивачите ни дадоа сила за да ги надминеме сите проблеми и нивната поддршка ни помогна да дојдеме до победата. Би сакал да им ги честитам велигденските празници на сите кошаркарски вљубеници, особено на битолската публика со која се надевам дека ќе имаме уште многу заеднички радости“, порачува стратегот на Пелистер.

Се вчитува...