Илиевски: Најважно е што пак играме кошарка, Пелистер ќе биде уште подобар

Пелистер е тимот што претпоследен стартуваше со натпревари во новата кошаркарска сезона, битолчани конечно ги оставија зад себе проблемите со коронавирусот, се вратија на терен и во голем стил ја одиграа премиерната средба, совладувајќи го вториот тим на МЗТ Скопје со 104-66. Тренерот Илиевски е задоволен од изданието на својот тим, но пред се од фактот што „пелистерци“ конечно одиграа еден кошаркарски натпревар.

„Најважно од се е што пак играме кошарка, минаа 40 дена од нашиот последен пријателски меч против Куманово. Следеше одложување на стартот, па коронавирус во нашите редови, а по последните промени во ростерот ние немавме одиграно ниту еден натпревар со овој играчки кадар. Затоа, имам причина да бидам задоволен од она што го прикажавме на теренот. Бев свесен дека нема да биде нималку лесно на почетокот, МЗТ Скопје 2 е тим што им создаде проблеми на екипи кои најавуваа борба за највисок пласман сезонава, па затоа моравме да бидеме внимателни. Одигравме на високо ниво, диктиравме темпо, секако дека има простор за напредок, но тоа ќе дојде низ натпреварите што ќе ги играме во иднина“, изјави Илиевски.

Проблем за него сигурно претставува фактот што мечот со МЗТ 2 речиси сигурно ќе биде и единствениот до крајот на месецот, со оглед на фактот дека сега следи  пауза поради репрезентативните настапи.

Се вчитува...