Илиевски: Ситуацијата е сериозна, да се најде начин да се почне со кошарка

Марјан Илиевски прифати нов предизвик во кариерата, почнувајќи со проектот Пелистер во обид да го внесе овој тим во горниот дел од табелата и битка за место во плејофот. За жал, целокупната ситуација со коронавирусот во државата влијаеше нe само да бидат нарушени подготовките (поради неможност за одигрување на посакуваниот број на контролни средби), туку еве и по девет дена од месец октомври се уште да биде неизвесно кога и како ќе стартува сезоната.

„За жал, ситуацијата е многу сериозна. Годинава сите треба да ја прифатиме реалноста, да се сфати дека за сите нас победа ќе биде ако ја одиграме и завршиме оваа сезона. Победник треба да биде кошарката, тоа е она кон што треба да се стремиме, а не индивидуалниот клупски резултат“, вели Илиевски.

Поранешниот стратег на Блокотехна, Кожув и Лирија смета дека и самите клубови и кошаркарите треба да понесат поголема одговорност, особено по последните тестирања кои покажаа дека повеќе од половина прволигаши имаат заразени кошаркари во своите редови.

„Ова е еден вид на биолошка војна, а за победа е неопходна екстремна дициплина ако сакаме кошарката да „живее“ во овој период. И клубовите и играчите треба да го увидат тоа и да преземат одговорност за своето однесување. Можеби токму тоа е потребно за да се среди ситуацијата, да се внесе во правилата за натпреварување дека клубот со поголем број на заразени кошаркари службено би го загубил тој натпревар. Според мене, тоа е најверојатно и најдобриот начин за да се мотивираат сите членови на мак-баскетот многу посериозно да ја водат оваа борба со коронавирусот“,  истакнува Марјан Илиевски.

Многу важно во целата ситуација е како ќе бидат третирани заразените кошаркари. Додека во голем дел од Европа сме сведоци дека по позитивен случај тој спортист се става во самоизолација, но останатите кои се негативни продолжуваат со тренинзи и со натпревари, во Македонија ситуацијата е спротивна – веднаш се издаваат решенија за самоизолација за целата екипа, што ги прави тренинзи и натпреварите невозможна мисија.

„Тоа е едно од решенијата кои мора да бидат спроведени што поскоро, оние кои се болни мора да останат во самоизолација, но нема потреба тоа да биде случај и со здравите играчи кои ќе имаат негативни тестови. Изолирањето на цели екипи ќе донесе само уште поголем хаос и одлагање на натпревари, а кога гледаме ширум Европа дека има систем што функционира во спортот, не гледам зошто не би го примениле и кај нас. Исто така, препораките мора да бидат исти за сите, бидејќи кај нас видовме клуб што е со еден заразен, сите да мораат да одат во самоизолација, па потоа друг клуб со еден заразен, што доби зелено светло за тренинг“, порачува стратегот на битолчани.

Стартот на новата сезона требаше да биде на 3 октомври, беше одложен за една седмица, а по најновите случувања уште не се знае кога и како би почнал шампионатот.

„Едно е сигурно, треба да се најде начин за да се игра кошарка бидејќи од овој спорт егзистираат и многу луѓе, за кои кризата почна уште пред повеќе од шест-седум месеци. Јасно е дека време има се помалку, а во еден згуснат распоред не гледам зошто не би се играло и по три меча неделно (вторник – четврток – сабота). Секако дека ќе биде потешко и понапорно, но да не заборавиме дека имаме и два клуба во АБА2 поради што календарот ќе претрпи дополнителни измени. Како што реков, ова не е време за клупски интереси, сите мораме да направиме се за што поскоро да има кошарка во Македонија“, гласи пораката на Марјан Илиевски.

Се вчитува...