Интер чека понуда од Кина за Наинголан

Раџа Наинголан го одигра своето за Интер откако управата на „нероаѕурите“ донесе одлука што поскоро да го продаде белгискиот интернационалец. Тој во текот на вчерашниот ден беше суспендиран од страна на раководството на Интер, во наредниот период ќе тренира изолирано од првиот тим, а директорот Марота јасно ставил до знаење дека не очекува Наинголан да му се стави повторно на располагање на тренерот Лучијано Спалети.

Причина за суспензијата била доцнењето од 20 минути на вчерашниот тренинг на „нероаѕурите“, како капак за непрофесионалното однесување на Наинголан од самото доаѓање од Рома (во изминатите месеци често се појавуваа негови фотографии од дискотеките во Милано, а Белгиецот со својот темперамент негативно влијаел и врз атмосферата во екипата).

Марота е дециден – Наинголан мора да си замине,  а во следните денови ќе биде остварен контакт со клубовите кои до пред неколку месеци сакаа да го видат Раџа во своите редови. Станува збор за три клубови од Кина, од кои во Интер се надеваат дека најмалку еден ќе биде подготвен да ја плати сумата од 40 милиони евра што „нероаѕурите“ планираат да ја добијат од продажбата на белгискиот интернационалец.

 

Се вчитува...