Интер предолго е предалеку од врвот на италијанскиот фудбал, но новите кинески газди се решени тоа да го променат. За таа цел беше доведен Џузепе Марота, „мозокот“ зад формирањето на победничката династија на Јувентус, кој ќе биде задолжен за носење на врвни фудбалери во Милано во претстојниот период.
Марота има пред себе јасно зацртан план, на овој играчки кадар да му донесе неколку врвни засилувања со кои Интер конечно би им се приближил на Јувентус и Наполи во битката за скудетото.
Лука Модриќ
Не е никаква тајна, ангажманот на Лука Модриќ е приоритет за Интер. „Нероаѕурите“ имаа „дил“ со фудбалерот и минатото лето, но Флорентино Перез не дозволи тој да го следи Кристијано Роналдо и да си замине од Мадрид на Апенинскиот полуостров. Во раководството на Интер се убедени дека следното лето ќе успеат во својата намера, понудата од десет милиони евра по сезона се уште е валидна за Модриќ, а ќе падне и неговата вредност бидејќи ќе има само уште една сезона од актуелниот договор со Реал (до јуни 2020 година).
Тони Крос
Германецот има договор со Реал до 2022 година и клаузула од 300 милиони евра, но не е сигурно дали тој ќе остане по најавениот „ремонт“ во најтрофејниот европски клуб. Доколку успее да го договори Модриќ, Марота е убеден дека потоа ќе има големи шанси да го обедини тандемот на Реал во Интер, плаќајќи околу 70 милиони евра за Крос. Доколку се реализираат најавите за заминување на Мауро Икардо во Реал, тогаш Интер ќе инсистира на добивање на Крос како дел од овој мегатрансфер.
Тангу Ндомбеле
Доколку не успее да дојде до германскиот ас, Марота ќе го сврти своето внимание кон Тангу Ндомбеле. Станува збор за голем борец на средината на теренот, играч со квалитети какви што му недостигаат на Интер. Лион бара 80 милиони евра за овој фудбалер, француските медиуми најавуваат дека тој би можел да си замине ако некој понуди 60 милиони, но проблем за „нероаѕурите“ ќе биде да се победи конкуренцијата, ако се знае дека интерес за овој фудбалер веќе покажаа и Манчестер јунајтед и Барселона (како план Б, ако не биде договорен трансферот на Де Јонг од Ајакс).
Диего Годин
Капитенот на Атлетико Мадрид станува слободен играч на крајот од сезонава и се наоѓа на листата со желби на поголемиот дел од европските гиганти. Уругваецот во слична ситуација се најде и лани, па реши да потпише нов договор со Атлетико, но Марота се надева дека ќе го убеди на нов предизвик во кариерата. Нема дилеми дека Годин е еден од најдобрите светски дефанзивци во последните десетина сезони, а со неговиот ангажман Интер дефинитивно би добил многу, и на квалитет и на искуство.
Ирвинг Лозано
Мексиканскиот репрезентативец е главниот виновник што Интер не се најде во осминафиналето од ЛШ, постигнувајќи го клучниот гол за ПСВ Ајндховен на гостувањето на „Џузепе Меаца“. Извонредно брз, но и технички поткован, Лозано неколку сезони наназад е клучен играч на ПСВ, но се најавува дека холандскиот шампион на крајот од сезонава дефинитивно ќе го продаде Мексиканецот. Сумата што ја бара изнесува 50 милиони евра, а Интер би ја обезбедил од продажбата на Перишиќ, чија форма се движи во надолна линија по Мундијалот во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА