Ива Пројковска ќе суди во Португалија, Ирена Велевачкоска Ристевски во Ерменија

Фудбалската федерација на Македонија и нејзината судиска организација можат да се гордеат со четирите најдобри судијки во нашата држава  кои  годинава блескаат на европската сцена. Станува збор за главните судии Ива Пројковска и Ирена Велевачкоска-Ристевски како и за асистент судии Вјолца Изеири и Елена Соклевска-Илиевски. Да напоменеме дека Пројковска се наоѓа и во елитната група на 20 најдобри женски судии во Европа. Туку што се вратија од Гетеборг во Шведска каде го судеа мечот меѓу шведскиот првак Хакен и Реал Мадрид во Лигата на европските шампиони за жени, на кој Пројковска беше главен судија, а веќе заминаа за Ерменија, немајќи време ниту да ги распакуваат куферите.

На 2 декември, во рамките на Лигата на нации за жени 4 група, во Ереван ќе го судат натпреварот  меѓу  Ерменија и Израел. Главен судија ќе биде Ирена Велевачкоска-Ристевски, ќе и помагаат Вјолца Изеири и Елена Соклевска Илиевски, четврти судија ќе биде Ива Пројковска. Во оваа група се уште и репрезентациите на Казахстан и Естонија.

Од Ерменија не се враќаат во Македонија туку продолжуваат за Португалија, каде добија нова задача од судиската комисија на УЕФА. Повторно во рамките на Лигата на европските нации, 2 група, на 5 декември ќе бидат судиска четворка на средбата меѓу Португалија и Франција.  На овој меч главен судија ќе биде Ива Пројковска, со веќе воиграни помошници Вјолца Изеири и Елена Соклевска Илиевски, четврти судија е Ирена Велевачкоска Ристевски.  Во оваа група се уште и репрезентациите на Норвешка и Австрија. Мечот се игра во градот Леина.

М.М

Се вчитува...