Јончевски: МЗТ има свои проблеми, наше е да се обидеме да ги искористиме

Стратегот на Кожув, Алек Јончевски, е оптимист дека неговиот тим може да го изненади МЗТ Скопје во денешната пресметка во СЦ „Јане Сандански“, што ќе биде прв овосезонски меч за Кожув по одложениот натпревар од првото коло против Пелистер.

„Последните четири наши средби со МЗТ Скопје завршувале на една топка, верувам дека ако и овојпат тоа биде случај ние ќе бидеме тимот што на крајот ќе се радува. Секако дека нема да биде лесно, против себе имаме квалитетен состав, можам да кажам дека МЗТ Скопје по неколку години пауза повторно има врвни странски засилувања преку кои диктира силно темпо на игра. Сепак, и МЗТ има свои проблеми, пред се поради неиграњето на Крстевски и на Маслинко, наше е да го искористиме тоа во борбата под обрачите. Видовме како играа против Работнички, инсистирајќи на брза кошарка со ниска „четворка“, се подготвуваме да го неутрализираме тој аспект од нивната игра“, вели Јончевски.

Главен проблем за стратегот на Кожув е што неговиот тим е далеку од натпреварувачка форма, па тој нема точна претстава во какво издание ќе се претстават неговите избраници.

„Цел месец бевме без натпревар, многу внимававме да не дојде до зараза од Covid-19 во нашиот клуб, поради што одбивме да играме контролни натпревари. Сепак, сезоната двапати се одлагаше, што придонесе долго време да бидеме без одиграна средба, па јасно е дека тоа ќе ни биде проблем, особено во почетната фаза од дуелот со МЗТ. Тешко беше да се одржи мотивацијата кај играчите во овој период, забележливо е дека тие се сериозно загрижени за тоа дали воопшто ќе се доигра сезоната. Очекувам состојбата да се стабилизира и штом влеземе во натпреварувачки ритам да покажеме одлични игри и да влеземе во позитивна серија“, оптимист е Алек Јончевски.

Се вчитува...