Јованчев: Среќата конечно беше на наша страна, честитки за Дујковиќ

Александар Јованчев ја забележа првата победа на клупата на Вардар откако на домашен терен „црвено-црните“ славеа над Црн Дрим во неизвесен натпревар со 76-72. За разлика од претходните две средби на „Кале“, овој пат среќата беше на страната на „црвено-црните“.

„Трет натпревар кој што е речиси со идентичен резултат на крајот, но овој пат среќата беше на наша страна и покрај тоа што не игравме најдобро успеавме да победиме. Едноставно ова мораше да се случи“ – изјави по натпреварот тренерот Јованчев.

Младиот тим на Вардар и покрај победата не успеа да се прослави на денешниот натпревар, проблемите кои го следат тимот од почетокот на сезоната беа видливи и денеска, тимот имаше дури 24 изгубени топки…

„Тоа е страшен проблем кој не следи од почетокот на сезоната. Нашите бекови имаат најголем број на изгубени топки во лигата и тешко е бидејќи не можам да се потпрам на бековите тогаш што останува за другите играчи. Имаме време за да го корегираме тоа, тренираме и се фокусираме на тоа подобро да се поместуваме во нападот, подобро да се пронаоѓаме и се надевам дека брзо ќе се корегираме“ – додаде стратегот на Вардар.

Еден од најдобрите на денешниот натпревар беше центарот на Вардар, Марко Дујковиќ кој во вториот натпревар за „црвено-црните“ оваа сезона блесна на паркетот, а неговите поени беа клучни за превземање на водството на петнаесет секунди пред крајот на средбата.

„Дујковиќ е вистинското нешто што ни требаше. На претходните натпревари имавме сериозни проблеми со играчите кои треба да играат под кош, бевме една од најниските екипи во лигата и практично со две „четворки“ ја пополнувавме центарската позиција. Денеска ни фалеше Дино Радош кој што мораше да замине во Хрватска, но Дујковиќ одлично ја пополни позицијата „пет“ и во одбрана и во напад“ – заврши тренерот.

Поранешниот македонски репрезентативец беше на чекор од трипл-дабл учинок со 20 поени, 15 скока и 9 блокови, со кој би постанал само петтиот играч во Првата лига кому му успеал ваков учинок.

„Честитки до целиот тим, тренерот и стручниот штаб, како и до Црн Дрим кој со сите сили се бореше на натпреварот, меѓутоа и ние моравме да го одбраниме домашниот терен, одиме понатаму“ – изјави по натпреварот Марко Дујковиќ.

Се вчитува...