Јуве ја „краде“ големата желба на Куман за Барса

Јувентус ќе биде активен на фудбалскиот пазар во јануарскиот преоден рок, а приоритет за директорот Паратичи ќе биде засилување на навалната линија. „Црно-белите“ од Торино се подготвени да тргнат во офанзива по Мемфис Депај, кој цело лето беше поврзуван со Барселона, но како што стојат работите сепак нема да му се приклучи на Роналд Куман во редовите на каталонскиот гигант.

Договорот на Депај со Лион истекува на крајот од сезонава, поради што францускиот првак е решен да го продаде Холанѓанецот и да не дозволи тој без отштета да си замине во јули. Цената падна на прескромни десет милиони евра, а Јувентус е клубот што може да реагира и да му понуди најдобри финансиски услови на самиот фудбалер, да ја победи конкуренцијата и дополнително да ја засили навалната линија во која моментно се Роналдо, Дибала и Мората.

Воедно, ангажманот на Депај ќе значи и директен предизвик за Дибала, што поскоро да ги финишира преговорите за нов договор или да биде продаден на самиот почеток од летниот преоден рок.

Барселона нема речиси никакви шанси во трката пред се поради фактот дека претседателските избори се закажани за вториот дел од месец јануари, а Депај и Лион немаат намера да чекаат да видат кој ќе биде победник во оваа трка и сакаат трансферот да се реализира во првите десетина дена од новата година.

Се вчитува...