Кејн донесе радост на Тотенхем, Лаказет е трагичарот на Арсенал

Тотенхем забележа значајна дерби победа над Арсенал од 1-0, резултат со кој „спарси“ остануваат во игра во трката за место кое води во ЛШ, дополнително зголемувајќи ја својата предност во однос на Арсенал што сега изнесува седум бода. Хари Кејн со седмиот гол на овие дерби дуели беше херојот на Тотенхем, додека „резервистот“ Лаказет беше трагичар на Арсенал, не реализирајќи два зицери во судиското продолжение.

Во првото полувреме можеше да се проследи голема битка во која Тотенхем повеќе имаше контрола над топката, но домаќините не успеаја да стигнат до предност. Кејн промаши убава шанса со глава во првиот дел, но најдобриот стрелец во Премиер-лигата сезонава не згреши кога му се укажа слична ситуација во второто полувреме, па со прецизен удар го матираше Петр Чех.

Овој погодок им даде крилја на „спарси“, кои заиграа уште подобро, создадоа уште неколку убави шанси, но Чех не дозволи и втор гол. Венгер тргна во тотална офанзива уфрлајќи ги Лаказет, Велбек и Ивоби, а токму Лаказет беше играчот што се посрамоти во 91. минута, кога не ја искористи најубавата шанса со волеј удар шутирајќи неколку метри над голот на Љорис. Во 93. минута повторно Французинот се најде во зицер ситуација, сега излезе „очи в очи“ со домашниот голман, но биеше крај голот.

Се вчитува...