КФСМ: Нема место за паника, но „меур“ е „план Б“ ако се влоши ситуацијата

Позитивниот коронатест на Американецот Питс од Работнички го запали алармот во кошаркарската јавност, со оглед на фактот дека новата сезона треба да стартува за десетина дена. Сепак, од „куќата на кошарката“ порачуваат дека будно ја следат ситуацијата и дека барем засега зацртаниот датум за старт на сезоната, 3 октомври, не се менува.

„Будно ја следиме ситуацијата со Работнички. За среќа станува збор за изолиран случај, не се заразени поголем број на кошаркари. Засега нема место за паника, нормално, не можеме со сигурност да тврдиме како ќе биде во следните денови, но во моментов не гледаме причина за отстапки од предвидениот план. Се надеваме дека состојбата ќе се стабилизира, ќе немаме нови случаи и ќе стартуваме на 3 октомври, како што договоривме заедно со клубовите“, изјави Генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.

Доколку ситуацијата со бројот на заразени се влоши, како резервна опција веќе се подготвува варијанта „меур“, при што сите натпревари од првиот дел на сезоната би биле одиграле на една локација, во скратен временски период.

„Желба на сите е сезоната да се одржи според планираното, но доколку бројките се влошат ќе мора да се најде резервна варијанта. Ние веќе разговаравме со клубовите на последниот состанок на Здружението на прволигаши, доколку дојде до помасовна зараза ќе ја прекинеме сезоната на петнаесетина дена, а потоа ќе се организира „меур“ на неутрален терен, се би било „затворено“ за да се минимизира ризикот, а сезоната би се финиширала во што поскоро време“, открива Георгиевски.

Се вчитува...