КФСМ објави: Првенството повторно се одложува

Кошаркарската федерација на Македонија објави дека поради ново настанатата ситуација со коронавирусот во земјата и фактот дека секојдневно се зголемува бројот на заболени донесе одлука за одложување на почетокот на натпреварувачката сезона 2020/2021 во Првата лига, кој првично требаше да почне овој викенд.

„Имајќи ја во предвид целокупната епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на ново заболени секојдневно се зголемува, раководството на КФСМ донесе одлука за одложување на почетокот на натпреварувачката сезона 2020/2021 во Прва лига-мажи, кој првично беше предвиден да биде овој викенд, односно на 10 и 11. октомври.

Во очекување на комплетните резултати од PCR тестирањето за корона вирусот кое го спроведуваме, а со кое беа опфатени сите клубови од Првата лига-мажи, како и официјалните лица, а поради неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалниот почеток на првенството, во овој момент не може да се гарантира дека започнувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек.

Во наредниот период, федерацијата ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект. Во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, ќе биде донесена одлука за почетокот на натпреварите од Првата лига-мажи“, стои во соопштението од Куќата на кошарката.

Се вчитува...