Кочов: Ако се заврши сезонава, сите ќе сме победници

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, е загрижен поради формата на својот тим на стартот на сезонава. „Металците“ минаа 14 дена во карантин по позитивните случаи во нивниот табор, што дефинитивно претставуваше чекор наназад во темпирањето на формата во пресрет на почетокот од сезоната.

„Ова е нова ситуација за сите нас. Составивме навистина квалитетен тим, добро ги одработивме почетните подготовки, влеговме во ритам со контролни натпревари и кога требаше да работиме во детали – завршивме 14 дена во карантин. Сега повторно сме во тренажен процес, но очигледни се проблемите за повторно да влеземе во форма. Не верувам дека ова ќе бидат последни случаи на коронавирус во нашиот клуб, така што ова е ситуација на која сите ќе мораме да се навикнеме, не само во МЗТ Скопје, туку и во останатите екипи. Тоа е реалноста, ако се заврши сезонава сите ќе сме победници. Тоа е најважното, да се најде начин да се игра кошарка“, истакна Кочов.

Стартот на новата сезона е закажан за претстојниот викенд, но стратегот на „металците“ не е стопроцентно сигурен дека ќе се игра вечното дерби со Работнички.

„Сите едвај чекаме да почне сезоната и се подготвуваме. Добивме информација дека треба да играме следниот викенд, но во меѓувреме ќе треба да се извршат нови тестирања. Што доколку тогаш кај тимовите се појават нови позитивни случаи, дали ќе се игра без позитивните, или пак повторно сите ќе заминеме во 14-дневен карантин. Никој ни нема соопштено што би се случувало, не сум ни сигурен дали некој знае кој чекор конкретно би бил повлечен во таков случај“, вели тренерот на МЗТ Скопје.

Македонскиот првак во месец ноември заедно со Работнички ќе почне и со настап во АБА2-лигата, каде првиот турнир ќе се одржи во Златибор, Србија.

„Предвидено е на 8 ноември да патуваме за Златибор, а на 10 ноември ќе го играме првиот натпревар од АБА2. Претходно ќе имаме нови тестирања, со надеж дека комплетни ќе настапиме на овие средби. Едно е јасно, неопходни ни се натпревари. Поради коронавирусот ни пропадна пријателски натпревар со Будуќност бидејќи Црногорците немаа начин да дојдат во Скопје, тој недостиг на контроли придонесе да немаме увид во формата на тимот, но тоа може да се промени само со влегување во натпреварувачки ритам“, истакнува Кочов.

Се вчитува...