Кочов: Работнички е зад нас, очекувам сега вистински одговор од моите играчи

Актуелниот шампион, МЗТ Скопје новата сезона ја започна со пораз од 94-90 во вечното дерби против Работнички. Составот од Аеродром прикажа солидна игра, меѓутоа недостасуваа воиграноста и добрата ротација во одбраната и за победа, нешто кое е можеби и разбирливо за еден ваков старт на сезоната.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов немаа многу време за консолидирање бидејќи веќе денеска е пред нив нов возбудлив дуел, овој пат во Јане Сандански каде „сино-белите“ го пречекуваат секогаш непредвидливиот состав на Кожув.

„Секој натпревар кој доаѓа после речиси добиен меч е тешок. Меѓутоа, очекувам вистински одговор од моите играчи. Очекувам далеку поголема одговорност и комуникација во одбраната“ – изјави Кочов за ЕКИПА.

Дуелот со Кожув најверојатно ќе биде и последниот за „штрковите“ на домашната сцена пред патувањето за Златибор каде во „балонот“ на АБА2, избраниците на Кочов ќе одиграат четири натпревари за десет дена.

Се вчитува...