Комесарот за натпревари со одговор до Вардар и Академија Пандев: Одлуката ја заштитува основната фудбалска логика!

По реакцијата на Вардар и Академија Пандев околу одлуката за случајот „младинец“ од дуелот меѓу Шкендија и Академија Пандев со свој одговор се огласи и Комесарот за натпревари на ФФМ, Васко Дојчиновски потенцирајќи дека одлуката е донесена во интерес на спортски постигнатиот резултат а со почитување на основните идеи зошто е донесено правилото за настап на млади фудбалери.

Одговорот на Васко Дојчиновски на реакцијата на ФК Вардар и ФК Академија Пандев ви го пренесуваме во целост:

Комисијата за натпревари како првостепена за одлучување прашања од овој тип уште еднаш со свое oбјаснување до јавноста.

Правилото за настап на млад фудбалер е донесено со една единствена цел:

Развој на фудбалот во Македонија со акцент на младите фудбалери што подоцна (или многу брзо во некои случаи) оди во корист најпрво на клубовите а потоа секако и на националните селекции. Резултатите од оваа фудбалска политика се евидентни низ историските успеси на младите национални селекции и трансфер на некои од младите фудбалери во странски клубови. Секако, ова правило и во најсветлата намера за негова имплементација и примена, во текот на играта наидува на посебни ситуации кои не смеат да бидат „камен за сопнување“ и разврска на „зелена маса“ поинаква од постигнатата на теренот со спортски натпревар. Конкретниот случај од натпреварот помеѓу екипите на Шкендија и Академија Пандев содржи токму таква ситуација во која клубот домаќин со црвениот картон на фудбалерот Фазлагиќ се наоѓа во подредена ситуација (играч помалку на терен до крај на натпреварот).

Затоа Комисијата за натпревари донесе одлука во интерес на спортски остварениот резултат. Во текот на работата на Комисијата, не само за овој случај, пристапот кон клубовите е рамноправен кон сите. Не постојат „омилени“ клубови и позиција на фаворити и подредени. Одлуката е донесена во спортски дух и во насока на заштита на основната фудбалска логика. Сите поинакви коментари се паушални и тенденциозни. Овој случај треба да послужи како искуство за понатамошниот тек од првенството (и идните првенства) и придонес на сите клубови во развојот на млади фудбалери.

На клубовите им посакуваме успешен остаток на пролетниот дел од првенството.

Комесар за натпревари

Васко Дојчиновски

Се вчитува...