Коронавирус и во КК Работнички!

На десетина дена пред официјалниот старт на новата сезона во кошаркарското првенство, коронавирусот влезе и во најтрофејниот спорткси колектив Работнички, дознава ЕКИПА. Според нашите информации, двајца кошаркари на „центарци“, едниот странец, вториот домашен играч, се пожалиле на симптоми на Covid-19, а по тестирањето добиле позитивни резултати.

Се очекува во следните 24 часа да бидат тестирани сите кошаркари на Работнички, но проблемот е уште поголем ако се знае дека овој тим во последните пет-шест дена одигра и две пријателски средби, против ТФТ и Куманово. Неофицијално, во овие два тима засега нема кошаркари со симптоми на коронавирус, но се очекува тестирање и кај овие прволигаши.

За целата ситуација се известени и челниците на федерацијата, кои се соочуваат со огромен проблем на само десет дена пред стартот на сезоната. Работнички во првото коло требаше да се сретне со МЗТ Скопје, но проблемот ќе се продлабочи доколку вирусот се прошири и во Куманово и во ТФТ, со што би можело да дојде до одложување на стартот на сезоната.

Во ситуација на случаи на коронавирус уште пред самиот старт на сезоната, повторно се актуелизира и темата за организирање на „меури“ за одигрување на првата фаза на шампионатот. Раководството на КФСМ ја имаше оваа опција на маса уште пред извесно време, но со новиот развој на настаните, како и опасноста од зголемувањето на бројките во државата, сега „меурот“ делува како најреална опција за нормално одигрување на Првата лига.

Се вчитува...