Кошарка ќе има од викендов, ФМП ќе стартува подоцна?!

Стартот на новата кошаркарска сезона во Македонија не би требало да биде повторно одложен без оглед на седумте позитивни случаи на Covid-19 во редовите на Академија ФМП, дознава ЕКИПА од извори од „куќата на кошарката“. Неодамна беше изгласан протокол според кој сезоната би била прекината доколку во еден клуб се појават повеќе од три случаи, но поради ризикот за константни прекини сега се размислува за „План Б“ – сезоната да се игра според планираното, а екипите со заразени играчи да паузираат и своите одложени натпревари да ги играат по враќањето на терен.

Планот на федерацијата е сезоната да стартува од 10 октомври, а тимот на ФМП да остане изолиран до оздравувањето на сите заразени кошаркари. Оваа екипа ќе пропушти неколку средби, но викендите остануваат термин за редовните кола, а средите ќе бидат можност за одигрување на заостанатите натпревари за случајот на ФМП, но и други вакви ситуации кои би се случиле во текот на сезоната. Раководството на КФСМ е во редовен контакт со Комисијата за Заразни Болести и би требало да добие зелено светло за старт на сезоната во утврдениот термин.

„Начелно сме на ист став, екипите со заразени играчи не треба да играат, но тоа не треба да доведе до целосен прекин на сезоната. Кошарката треба да се игра на терен, а оние кои имаат заразени, ќе добијат извесен период за тренинзи по оздравувањето и потоа ќе се вклучат во системот на натпреварување, при што би ги одиграле и средбите што им биле одложени“, велат од „куќата на кошарката“.

Конечната одлука се очекува во текот на утрешниот ден, по што и дефинитивно ќе биде познато дали од сабота ќе се стартува со кошаркарските возбудувања ширум земјава.

Се вчитува...