Костов го избра Работнички пред Лукоил, доаѓа во „Градски парк“

Бугарскиот кошаракр Чавдар Костов ќе биде второто засилување (по Бојан Крстевски) на тимот на Работнички за следната натпреварувачка сезона. Станува збор за играч кој настапува на позициите два и три, висок 196 сантиметри, а чии квалитети му се добро познати на Марин Докузовски, кој има соработувано со Костов во редовите на Лукоил.

Токму актуелниот првак на Бугарија му бил главен ривал на Работнички во трката за Костов, со оглед на желбата на раководството на Лукоил да го врати овој кошаркар во своите редови. Сепак, бугарскиот кошаркар на крајот решил кариерата да ја продолжи во редовите на најтрофејниот македонски колектив, кој и лани се интересираше за неговите услуги.

Чавдар Костов во својата кариера покрај за Лукоил има настапувано уште и за Левски, потоа и за Кавала во Грција, како и за австрискиот прволигаш Гуслинг најтс, тим со кој ја освои двојната круна во оваа земја. Минатата сезона ја мина во Грција, носејќи го дресот на Кимис.

За очекување е со Костов да стартува серијата трансфери на „црвено-белите“ од „Градски парк“, кои летово останаа без Владо Илиевски и Димче Тасовски, како и без центарот Мишановиќ. Раководството на клубот амбициозно најави најголем буџет досега, но тренерот Докузовски ќе треба што поскоро да го екипира тимот и да почне со подготовки, со оглед на фактот дека Работнички наредниот месец го очекуваат и натпреварите од Еврокупот на ФИБА, против рускиот прволигаш Парма.

Се вчитува...