Првиот натпревар овој викенд во прволигашката конкуренција ќе биде одигран на северот на Македонија каде Куманово ќе го пречека Црн Дрим.
Кумановци се наоѓаат во лоша низа, во последните три натпревари имаат и три порази од кои еден во домашното првенство и два во БИБЛ лигата, меѓутоа и покрај тоа „сино-белите“ имаат фаворитска улога во натпреварот против новалијата од Струга. Кумановци направија промени во играчкиот кадар, помина и мал период на адаптација, па во таборот на „сино-белите“ владее оптимизам за претстоечкиот дуел.
„И покрај тоа што изгубивме на последниот натпревар со екипата на Теодо се виде големо освежување во играта со доаѓањето на новите играчи Зивчевиќ и Американецот Рос. Покрај тоа имавме и проблеми со коронавирусот, но сега конечно сме комплетни и очекувам победа против екипата на Црн Дрим, која би значела пред се’, психичко издигнување за следните натпревари“ – изјави за ЕКИПА, Горјан Марковски.
Црн Дрим беќе ја забележа првата победа оваа сезона, славеше на гостувањето во Аеродром, меѓутоа на овој натпревар ќе настапи без својот најдобар игра, Американецот Кори Рејли-Рос кој засили денешниот противник. Сепак тренерот на Црн Дрим верува со своите играчи, а ја знае и „рецептата“ потребна за изненадување.
„Куманово секако дека е фаворитот на натпреварот можеби е во мала криза, имаа и проблеми со коронавирусот, но сепак се работи за искусна екипа и не очекува тешок натпревар. Ќе бидеме ослабени со заминувањето на Рејли-Рос, меѓутоа имаме добри млади играчи, кои и покрај тоа што дел од нив и прв пат играат во Првата лига многу ветуваат. Доколку одиграме добро, сконцентирано и пожртвувано на двата дела од теренот како на натпреварот против МЗТ Скопје Уни Банка можеме да се надеваме на победа“ – изјави Петар Чочоровски за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА