Кошаркарите на Куманово триумфално ја стартуваа новата сезона, славејќи на денешното гостување против ТФТ со резултат 82-83. Двата тима се сретнаа пред само неколку дена во рамките од БИБЛ-лигата, а кумановци сличано како и тогаш, повторно и покрај солидната предност самите си ја искомпликуваа судбината, па на крајот со многу среќа стигнаа до минимален триумф.
„Сино-белите“ клучната предност ја стекнаа во втората четвртина, период што кумановци го добија со 16-30 и на одмор заминаа со убедливи 33-47. „Зоната“ беше главно оружје на ТФТ во БИБЛ-лигата, но овојпат кошаркарите на Куманово имаа одговор и за овој дел од играта на противникот. И кога се чинеше дека победникот е решен бидејќи гостите во финишот имаа двоцифрена предност, ТФТ покажа карактер и успеа да се врати и да се приближи на само еден поен негатива на пет секунди до крајот. За среќа на кумановци, Горјан Марковски имаше мирна рака од линијата за слободни фрлања, по што Митревски во последниот напад на ТФТ почетнички тргна во рекетот иако на неговиот тим му требаше тројка, па со неговото положување мечот заврши со конечни 82-83.
Андрејевиќ со 16 и Стојановски со 15 поени беа најефикасни кај Куманово во денешната победа, додека прв стрелец на ТФТ беше Андерсон со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА