Кварацхелија: Ова е најслатката победа, нема да ја смениме историјата ама ни беше потребна одмазда!

Најдобриот фудбалер на Грузија, Квича Кварацхелија не го криеше задоволството по синоќешната убедлива победа на неговата селекција од 0-3 на гостувањето против Македонија во третиот натпревар од Ц-Лигата на нации по која Грузијците веќе сериозно се издвоија во битката за првото место во групата.

„Дојдовме до најважните три бода. Најслатката победа. Одигравме извонреден меч и навистина сме пресреќни. Резултатот сам се кажува, сега сме лидери со максимален ефект и мора да бидеме задоволни. Сигурно нема да ја смениме историјата по оној болен пораз за ЕП 2020, но некако на сите нас ни беше потребна одмазда против Македонија“, истакна по синоќешниот дуел Кварацхелија.

Во последниот четврти натпревар од јунскиот собир Грузија во недела во Тбилиси ја пречекува Бугарија.

„Секако сега сакаме победа и со Бугарија со што практично би го освоиле првото место. Во септември потоа ќе ни треба само победа над Гибралтар или реми со Македонија“ – дополнува Кварацхелија.

Се вчитува...