Македонскиот шампион Вардар ги започна подготовките за новата сезона, а еден од најискусните ракометари во тимот, Милан Лазаревски, порача дека „црвено-црните“ повторно ќе атакуваат на сите трофеи.
Лазаревски истакна дека во Вардар амбициите секогаш се најголеми, без разлика на предизвиците, и дека токму високите цели се двигателот на напредокот.
„Вардар секогаш има највисоки амбиции. Понекогаш изгледа дека тие се над нашите можности, но само така можеме да напредуваме и да стануваме подобри. Имаме освежен состав и неколку квалитетни засилувања, а целосно верувам во изборот на стручниот штаб. Очекувам успешна сезона и верувам дека ќе оставиме добар впечаток и во Лигата на шампионите“, изјави Лазаревски.
Тој нагласи дека атмосферата во соблекувалната отсекогаш била една од најсилните страни на клубот и дека токму заедништвото е основата на сите успеси.
„Братството и единството што владеат во Вардар се нешто што нè издвојува. Играчите секогаш се поддржуваат меѓусебно, а ние поискусните ќе направиме сè новите ракометари што побрзо да се вклопат и да се чувствуваат како дел од семејството“, додаде тој.
Во однос на домашните натпревари, Лазаревски потврди дека Вардар поголемиот дел од сезоната во македонското првенство ќе ги игра во салата „Расадник“, која ќе биде и тренинг-база на тимот. Натпреварите со најголем интерес, како дерби пресметките и дуелите од Лигата на шампионите, ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, каде што се очекува голема поддршка од навивачите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
