Леванте мора да продава – Барди прв на листата

Енис Барди би можел наскоро да ги промени клупските бои откако беше објавено дека Леванте ќе биде принуден да продаде некој од клучните фудбалери за да може да го нормализира буџетот во време на коронавирус. За понеделник е закажано годишното клупско собрание, на кое актуелното раководство ќе го претстави пред делегатите на Леванте буџетот за 2021 година, во висина од 83 милиони евра.

Дел од овие средства, поточно 16,5 милиони евра мора да бидат обезбедени од продажба на фудбалери, и тоа со трансфери договорени најдоцна до 30 јуни 2021 година. Се очекува ваквиот буџет без никакви проблеми да биде изгласан, но потоа ќе дојде на дневен ред – продажбата на фудбалерите.

Шпанските медиуми најавуваат дека Барди е првиот на листата за заминување, пред се поради фактот дека е еден од ретките со вредност повисока од 16 милиони евра, па Леванте со само еден трансфер може да го обезбеди неопходниот буџет. Сите во клубот се презадоволни од македонскиот репрезентативец, неодамна беше потпишан и нов договор со него, но сега токму продажбата на Барди делува како најдобра опција за излез од кризата, во очите на управата на клубот.

На трансфер најверојатно ќе се почека до завршувањето на сезоната, па се очекува Барди да остане во Леванте до крајот на Ла Лига, по што ќе ги промени клупските бои. Македонскиот репрезентативец ќе биде дел од нашиот национален тим на ЕП 2021, што дополнително ќе ја зголеми неговата вредност на пазарот. Арсенал покажа сериозен интерес минатото лето, се споменуваше и Валенсија, но „лилјаците“ потоа се соочија со финансиски проблеми и наместо да купуваат засилувања почнаа со распродажба на екипата.

Едно е сигурно, фудбалер со квалитетите на Енис Барди без премногу проблеми ќе најде нов клуб од некоја од Топ 5 лигите во Европа, а Леванте со неговото заминување ќе си ги реши финансиските проблеми.

Се вчитува...