Мак-баскетот ќе се игра во „бабл“, цел тим на Работнички е во самоизолација

Новата кошаркарска сезона треба да стартува на 3 октомври, но почетокот ќе биде одложен, со најава за промена и на целокупниот систем за натпреварување. За почетокот на следната седмица е најавена нова средба меѓу раководството на федерацијата и претставниците на клубовите, на која ќе се разгледува можноста за одржување на „бабл“ за одигрување на првата фаза од кошаркарскиот шампионат.

За „нормален старт“ сериозен проблем претставува позитивниот тест на Питс од Работнички, уште повеќе што во овој случај не се практикува најавата дека позитивните играчи на коронавирус ќе бидат третирани како повредени, тие ќе бидат изолирани од остатокот од тимот, но сите оние кои се негативни ќе можат без проблеми заедно да тренираат и да играат натпревари. Во случајот на Работнички, на сите кошаркари на „центарци“ им се дадени решенија за самоизолација поради контактот со Питс, па тие нема да тренираат заедно и во текот на следната седмица, до самиот старт на сезоната, што го прави невозможно одигрувањето на дербито со МЗТ Скопје на 3 октомври.

„Не станува збор само за проблемот со Работнички, туку за целокупната ситуација. Ја следиме состојбата во ракометот, каде се почна со добро организиран план, но за жал веднаш се појавија сериозни бројки на заразени играчи. Ризикот да почнеме и веднаш да прекинеме е огромен, затоа и ги разгледуваме останатите опции“, истакнуваат од „куќата на кошарката“ за ЕКИПА.

За самиот почеток на следната седмица ќе дојде до нова средба на релација прволигаши – федерација, на која треба да бидат договорени деталите од „бабл-турнирот“. Неофицијално, првиот план е овој турнир да се игра во Охрид или Струга, но ќе треба да се утврдат датумите на одигрување и системот на натпреварување, како и тоа кој ќе ги покрие трошоците околу организацијата.

Се вчитува...