Марјан Илиевски и во следните две години во Пелистер

Марјан Илиевски и во следните две години ќе биде дел од Пелистер, објави битолскиот клуб. Искусниот стратег е дел од „зелено-белите“ од 2020 година, период во кој го вивна тимот од борба за опстанок до борба за титула, притоа забележувајќи и историски настап во АБА2 првенството.

Спортскиот директор Јовановски во Илиевски гледа незаменив човек за продолжување на проектот со што јасно стави дознаење дека овој тим и во следниот период ќе претендира за висок пласман.

„Одамна знаеме кои се плановите и патот по кој треба да се движи нашиот клуб. Незамисливо беше тој процес да продолжи без човекот кој го изгради овој респектабилен состав кој две години е во самиот врв на македонската кошарка. Со задоволство може да објавам продолжување на договорот на тренерот Марјан Илиевски за уште две сезони, со што КК Пелистер покажа стабилност и амбициозност и во годините кои доаѓаат. Се надевам дека оваа вест ќе ги израдува вистинските љубители на кошарката и своето задоволство ќе го покажат на нашите натпревари во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола“, рече спортскиот директор Мартин Јовановски.

Битолчани претходната сезона беа сопрени во полуфиналето од разигрувањето за титула, а оваа сезона ја започнуваат против вицешампионот Еуро Никел.

Се вчитува...