Не е никаква тајна дека Германија е апсолутен фаворит за освојување на првото место во Групата Ј во квалификациите за СП 2022 во Катар, во која е и Македонија.
По двете претходни победи, против Исланд и против Романија, Германците безусловно атакуваат на триумф и вечерва на МСВ-Арената во Дуисбург против Македонија. А, за каква „машинерија“ се работи доволно кажува и фактот дека Германците речиси 20 години немаат пораз во квалификации за Светско првенство.
Последен нивни пораз во мундијалски квалификации е од 1. септември 2001 година кога дома загубија од Англија со 1-5. Од тогаш, во 35 квалификациски натпревари за пласман на Мундијал имаат 30 победи и само пет ремија. Интересно од тие пет ремија, Финска, во два различни квалификациски циклуси, успеала да им извлече дури три нерешени резултати, а по еднаш ремизирале со Украина и со Шведска, која во 2012 година успеа да стигне до 4-4 и покрај тоа што Германците водеа со 4-0.
Од 22. март 2013 година, Германија има 18 едноподруго победи во мундијалските квалификации.
Но, дека се ранливи покажа натпреварот со Шпанија од 17. ноември минатата година кога во Лигата на нации загубија од „црвената фурија“ со неверојатни 6-0. Токму тој пораз беше најава за заминување на селекторот Јоаким Лев од клупата на Германија, која ја напушта по Европското првенство во јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА