Мбапе: Не знам дали ќе останам во ПСЖ, ми треба време да размислам!

Фудбалерите на Пари Сен Жермен ја декласираа Барселона на стадионот „Камп Ноу“ на првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, а во центарот на вниманието беше и тројниот стрелец Килијан Мбапе. По неверојатната игра, 22-годишниот офанзивен играч на францускиот тим изјави дека сè уште ништо не е решено на дуелот со Барселона.

Мбапе беше стрелец во 32-та, 65-та и 85-та минута за големата победа на гостите, а по дуелот се осврна и на се почестите гласини дека наскоро ќе замине во друг клуб.

„Дојдовме во Барселона да победиме, и го сторивме тоа на многу добар начин. Одигравме одлична партија, но сè уште не сме завршиле ништо. Што се однесува до мојата иднина и гласини, дресот на ПСЖ е оној кој најмногу го ценам и го носам во моето срце, но би било глупаво да донесам одлука да ја продолжам кариерата по само еден одлично изигран натпревар. Тоа е нешто за што треба да се размислува на долг рок. Секогаш велев дека сум среќен во Париз, а тоа е особено случај по вакви натпревари“, изјави Килијан Мбапе по мечот.

Мбапе се проби на второто место на листата на стрелци оваа сезона во Лигата на шампионите, па сега има пет погодоци, а Алваро Мората, Ерлинг Холанд, Маркус Рашфорд и соиграчот на Мбапе, Нејмар, постигнаа еден повеќе од него.

„Добивме критики, но не смеете да ги сфаќате лично – дури и најголемите фудбалери во историјата честопати беа критикувани. За мене не е проблем, не играм за да ги замолчам критичарите, туку да уживам и да помагам на мојот тим “, изјави францускиот репрезентативец.

Реваншот во Париз е закажан за 10 март, а во меѓувреме „светците“ ќе играат во Лига 1 против Монако, Дижон и Бордо. Тие во моментов се наоѓаат на позицијата број два во францускиот шампионат со еден бод помалку од лидерот Лил.

Се вчитува...