Металург брка „минус пет“, но верува во чудо против Горење

Ракометарите на Металург на денешниот реванш (18 часот, СЦ „Јане Сандански) ќе се обидат да ја надополнат негативата од првиот меч со Горење Велење и да обезбедат пласман во групната фаза од ЕХФ-Купот. Првото полувреме од Словенија, во кое во еден момент имаа и предност од три гола, им дава на Зоран Кастратовиќ и на неговите избраници причина за оптимизам, дека со дисциплинирана игра и цврста одбрана можат да стигнат до посакуваниот убедлив триумф.

“Пет гола се достижна разлика, која верувам дека со игра како во првото полувреме во Словенија можеме да ја анулираме и да обезбедиме пласман во следната фаза. Мораме да бидеме поконцентрирани во нападот, да нема избрзани и неизградени шутеви како што имавме во првиот меч, со кои им овозможивме користење на нивното најсилно оружје, контрата и транзицијата. Исто така, важна ќе биде и играта во одбрана, со која ќе треба да го запреме моторот на нивниот напад Алекс Кавчич и да не дозволиме игра на линијата од шест метри“, изјави тренерот Кастратовиќ во пресрет на денешниот реванш.

Првиот натпревар меѓу Горење и Металург заврши со резултат 24-19.

Се вчитува...