Мијатовиќ: Еуро Никел не се плаши од никого, одиме по победа и против Гостивар

По две победи во првите два натпревари тимот на Еуро Никел се наоѓа на врвот на табелата во домашното првенство. Грчот од натпреварот против МЗТ Скопје Уни Банка беше надминат на натпреварот против ФМП Академија каде кавадарчани одиграа на одлично ниво на двата дела од теренот, а сега добрата игра од „Јасмин“ ќе се обидат да ја пренесат и на гостувањето против Гостивар.

„Знаеме со какви проблеми се соочија сите тимови со пандемијата на коронавирус и колку беше тешко да се подготвиме за оваа сезона бидејќи не знаевме кога точно ќе започнеме со натпреварување. Поради тоа, ни беше многу важно кога ќе започнеме да започнеме добро, како и што направивме во овие две претходни натпревари, на кои не беше ни малку лесно после толку долга пауза“, вели Данило Мијатовиќ во изјава за ЕКИПА.

Гостиварци ја почнаа сезоната со два порази, но Мијатовиќ е свесен дека тоа ќе значи и уште поголема мотивација кај овој тим пред дуелот со кавадаречкиот прволигаш.

„Сигурен сум дека нe очекува реакција од Гостивар после двата почетни порази, но ние детално се припремаме и мотивирани ќе патуваме во Гостивар со цел да ја продолжиме низата на победи. Знаеме дека тоа нема да биде лесно против ваква искусна и добра, но искрено ние одиме на победа против секого и не се плашиме од нови предизвици бидејќи сметам дека сме спремни како екипа“ – истакна искусниот центар.

Кавадарчани оваа сезона ќе атакуваат на висок пласман, имаат еден искусен тим кој долго време игра во македонското првенство и ја знае формулата за титула, но оваа сезона не е сe во рацете на играчите.

„Се надевам дека и ние и останатите екипи во првенството ќе останеме здрави, бидејќи тоа е желбата на сите, тешко е да се прогнозира како ќе се одвиваат работите со пандемијата, но на нас ни останува секој натпревар и секој тренинг да дадеме се’ од себе, па нека победи подобриот“ – додаде српскиот интернационалец.

Натпреварот во „Младост“ е закажан за недела со почеток од 18 часот.

Се вчитува...