Милан дополнително ќе го засилува нападот во јануарскиот преоден рок, веќе е договорен трансферот на Лукаш Пакета, а избран е и вториот офанзивен фудбалер што во следните десетина дена би требало да пристигне на „Сан Сиро“.
Станува збор за Луис Муриел, колумбискиот репрезентативец кој има искуство во „Серија А“ од настапите за Удинезе и за Сампдорија. Тој моментно е член на Севилја и важи за големо промашување на шпанскиот клуб, кој се обидува да си врати дел од парите (21,5 милиони евра) што ги потроши за неговиот трансфер.
Преговорите меѓу Севилја и Милан се наоѓаат во завршна фаза, „росонерите“ понудиле над два милиони евра за шестмесечна позајмица, а шпанскиот прволигаш инсистира да биде вклучена клаузула за задолжителен трансфер на крајот од јуни. Италијанските медиуми најавуваат дека и кај двете страни постои желба што поскоро да бидат договорени сите детали, па се очекува Муриел веќе во првата половина на месец јануари да го облече дресот на Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА