Милевски: Благодарност за момците бидејќи жртвуваа 17 дена одмор за тимот и Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија стигна до сигурна победа од 4-0 на домашен терен против Гибралтар во натпревар од 4. коло од групата Ц4 од новото издание во Лигата на нации.

Селекторот на „црвено-жолтите“ Боби Милевски по натпреварот им се заблагодари на фудбалерите за тоа што одвоија 17 дена од својот одмор за тимот и Македонија.

„Не го ни знаев резултатот од Тбилиси. Јас не се навраќам на тоа што поминало. Жалам јас и фудбалерите бидејќи не е убаво кога ќе се изгуби таков натпревар. Тие педесетина минути одигравме според мене и еден од најдобрите мечеви. Сепак и тоа не беше доволно и загубивме како што загубивме. Што ќе се случува до крајот на овие натпревари во Лигата на нации ќе видиме. Јас сум задоволен бидејќи момците покажаа пристап кој е за секоја пофалба. Без разлика против кога игра овој тим има максимален респект кон секого, но на терен кон никого. Им честитам на момците на пристапот и желбата за успех. Благодарност до сите кои беа дел од овој камп бидејќи одвоија 17 дена од оној одмор што им припаѓа за да се стават во функција на тимот и државата“, вели Милевски. 

Околу дебитантите во репрезентацијата Милевски вели …

„Сите што беа дел од овој камп имаат потенцијал. Покажаа дека имаат талент и потенцијал во овој тим. Од нив самите зависи колку ќе се наметнат од игрите во своите клубови. Не сакам да издвојам никого, бидејќи сите ме направија задоволен од пристапот и односот кон тимот“, заврши Милевски. 

Македонија овој јунски циклус во Лигата на нации го завршува на втората позиција во групата Ц4 со седум освоени бода.

Се вчитува...