Милевски: Грузија одигра одлично со Бугарија, но утре ќе се прашуваме и ние за крајниот исход

Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски денеска на прес-конференција ги искажа своите очекувања од натпреварот со Грузија.

Милевски предупреди на внимателност затоа што гледајќи го мечот на Грузија со Бугарија, Грузијците покажаа дека се во форма. Меѓутоа македонскиот селектор верува во тоа дека и Македонија ќе се прашува за исходот на натпреварот утре. Тој не најде никаква конекција меѓу овој и натпреварот со кој Македонија обезбеди пласман на Европско првенство.

„Секако дека го гледав мечот на Грузија со Бугарија. Се работи за одличен тим со одлични индивидуалци. Одиграа одлично против Бугарија, но секој меч е приказна за себе. Тој натпревар во Грузија нема никаква конекција со овој сега, и не би се навраќал на тоа. Има разлика од тогаш, затоа што имаат нов селектор и нова филозофија. Начинот на кој играат е различен. Не гледам некоја поврзаност и сличност.  Квалитетот како поединечен, така и на тимот е голем. Ако им дозволиме, може да не нападнат. На утрешниот меч ќе се прашува и Македонија за крајниот исход. Индивидуалците се важни, но на крај ова е тимска игра и на крајот тимот победува или губи“, рече Милевски.

Тој уште еднаш повтори за лошиот тајминг на натпреварите, но дека секој меч на националниот тим е важен.

„Периодов е таков како што е. Не може да бараме натпреварувачка форма од играчи кои се надвор од неа. Сепак тие што се тука покажуваат желба и решителност за победа. Секој минат натпревар е историја секој нареден е важен за нас“, додаде селекторот.

Милевски ја повика и публиката да биде 12-ти играч утре за победа на Македонија.

„Посакувам исполнет стадион и тоа би бил дополнителен стимул за нас да ја почувствуваме домашната публика. Поддршката е потребна. Победата на Грузија со Бугарија може, но и не мора да значи ништо. Важно ќе биде како ние ќе одиграме“, рече Милевски.

Се вчитува...