Милевски за повредите на играчите: Ова е лудило, четири натпревари за 10 дена е нехумано

Селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата после натпреварот објасни за ситуацијата со замените на Елмас, Трајковски и останатите.

Милевски кажа дека Елмас побарал замена поради повреда, а Барди самиот инсистирал да остане до крај на натпреварот. Трајковски исто така имал повреда.

„Елиф почувствува болка во препоните и побара замена. Енис Барди инсистираше да остане до крај, познавајќи го неговиот карактер не сакаше да биде заменет бидејќи последните 15 минути ги одигра на мускули. Трајковски поради повреда, Ристовски поради умор беа заменети“, рече селекторот.

Тој има замерки на распоредот на УЕФА, и според него е лудило да се одиграат четири натпревари за 10 дена на крај од сезоната.

„Ова е лудило. Четири натпревари за 10 дена е нехумано кон фудбалерите, а уште помалку да барате некоја натпреварувачка форма или интензитет. Момците одиграа на високо ниво 60 минути, но за жал го загубивме натпреварот и мораме да честитаме на противникот“, вели Милевски.

Се вчитува...