Миовски оди кај Барди во Трабзонспор?!

Бојан Миовски се уште е актуелен на фудбалскиот пазар, пред се во Турција, каде што неколку клубови со највисоки амбиции кројат планови да го доведат 23-годишниот Македонец во своите редови. Миовски има извонредна дебитантска сезона во дресот на Абердин досега постигнувајќи 17 погодоци за овој клуб, а прогнозите велат дека шкотскиот клуб сигурно ќе го продаде голгетерот во текот на летото за добро да заработи. Трабзон е последниот клуб што покажува сериозен интерес да го доведе Македонецот во своите редови, со што Миовски би заиграл крај репрезентативниот колега Енис Барди.

За потсетување, Абердин го доведе Миовски во своите редови за 600.000 евра од таборот на МТК Будимпешта, а вредноста на нашиот репрезентативец во меѓувреме повеќекратно се зголеми. Впрочем, шкотрскиот премиерлигаш пред неколку дена одби понуда вредна два милиони евра од Бешикташ, јасно ставајќи до знаење дека очекува далеку повисока отштета за најдобриот стрелец на тимот да добие зелено светло за трансфер.

Трабзон може да си дозволи понуда од најмалку три милиони евра за Миовски, уште повеќе ако се земе во предвид возраста на Миовски, кој подоцна би можел да биде продаден за уште повисока сума. Турските медиуми јавуваат дека скаутите на шампионот на Турција биле воодушевени од настапите на нашиот интернационалец, па во најскоро време може да се очекува и официјална понуда до Абердин.

За потсетување, покрај Бешикташ и Трабзонспор, сериозен интерес за македонскиот репрезентативец покажува и англискиот премиерлигаш Саутемптон.

Се вчитува...