Мирковски: Клуб како Куманово мора секогаш да размислува на трофеи

Владимир Мирковски летово седна на клупата на Куманово, поранешниот финалист во плејофот и во Купот на Македонија кој во последните неколку сезони значително го подмлади составот. Под водство на претходниот стратег Александар Петровиќ кумановци редовно обезбедуваа пласман во Супер-лигата, предизвик пред кој сега ќе се најде и самиот Мирковски, кој пак најавува уште поглеми амбиции на „сино-белите“.

„Според мене, следната сезона ќе биде квалитетна и исклучително интересна. Куманово како клуб со сериозно реноме мора да размислува на трофеи. Не е важно како ќе почне сезоната, како ќе тече, најважно е како ќе заврши. Свесни сме дека ќе има добри моменти и падови во формата, но ако бидеме максимално фокусирани на секој натпревар, тогаш имаме право да размислуваме за врвот. Секако, моја обврска е сите околу мене да бидат максимално посветени на целта“, истакна Мирковски.

Кумановци беа исклучително активни на пазарот и променија голем дел од ростерот, па пред новиот тренер е тешка задача сето тоа да го вклопи во моќен колектив.

„Интензивно се подготвуваме за стартот на сезоната, веќе сме во фаза на пријателски натпревари на кои го воигруваме тимот, наметнавме ритам на одигрување средби на секои два дена. Нормално е што се појавуваат одредени слабости што ќе се обидеме да ги отстраниме до стартот на сезоната, наша цел е да ја кренеме играта на едно повисоко ниво уште од првото коло. Овој тим на Куманово е релативно млад, со просечна возраст од 23 години, се надевам дека кошаркарите ќе ја оправдаат укажаната доверба. Имаме простор за уште еден странец, но засега не би брзале да менуваме во играчкиот кадар“, вели стратегот на Куманово.

Се вчитува...