Мистеријата околу смртта ќе мора да ја расчисти МВР: Снимки потврдуваат дека Денис Тот бил нападнат од две лица пред да почине!

Мистеријата околу смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот и дефинитивно ќе треба да ја расчисти МВР од каде, според последните информации, и официјално е отворен случај кој треба да се разоткрие за трагедијата која денеска ја шокираше спортска Македонија.

Според информациите на „Вистиномер“, согласно два независни извори од МВР, постојат снимки кои потврдуваат дека 27-годишниот Тот пред да почине, утрово бил нападнат од две лица во близина на дискотеката „Привилиџ“ во Скопје.

„Хрватскиот ракометар Денис Тот вчера изутрина, во близина на дискотеката „Привилиџ“ бил нападнат од две лица, дечко и девојка. Дваесет и седум годишниот ракометар попладнево почина на Клиниката за реанимација, анестезија и интензивно лекување (КАРИЛ). Првично, од КАРИЛ, а и од МВР изјавија дека на телото немало траги на насилство, а за трагичниот настан се ширеа различни верзии околу причините за смртта. Попладнево полицијата ги прегледала камерите на „Сејф Сити“, каде точно се гледало што се случувало пред младиот ракометар да падне во бесознание и да биде пренесен во Ургентниот центар“ – пренесува „Вистиномер“.

На снимките било видливо дека дечко и девојка го нападнале Тот, па откако виделе дека е во бессознание го напуштиле местото на инцидентот.

„На снимките се гледало како дечко и девојка излегуваат од дискотеката „Привилиџ“ и влегуваат во такси возило, а по нив тргнал и Тот и им се обратил, но на снимките не може да се чуе што им кажал. Дечкото и девојката излегуваат од такси возилото. Дечкото му удира две шлаканици, по што ракометарот веднаш паѓа на земја, а девојката неколку пати го удира со нога по главата. Младиот ракометар воопшто не се придвижил, ниту пак дал отпор. Откако виделе дека е во бесознание, двајцата се обиделе да му помогнат и да го реанимираат, но не успеале, по што избегале од местото на настанот, а такси возилото си заминало уште кога настанала расправијата. Телото на младиот ракометар го видела една од вработените во дискотеката и веднаш повикала Брза помош“ – пишува „Вистиномер“.

Утрово, пак, од КАРИЛ за повеќе македонски информативни медиуми нагласија дека на телото на Тот немало видливи знаци на повреда, а на скопската клиника бил донесен со срцево затајување. Попладнево и официјално беше потврдено дека и покрај борбата на лекарите за неговите живот, младиот ракометар на РК Бутел починал на скопските клиники.

Се вчитува...