Младеновиќ: Триумф над Кожув, па на пат до Златибор

Македонскиот најтрофеен клуб Работнички ја започна новата сезона во пеколно темпо. Првите три дуела на домашната сцена се воедно и три дерби дуели за црвено-белите, од кои веќе добија два против МЗТ и Гостивар, а пред нив е и дуелот против Кожув, кој ќе биде последен на домашно тло пред патувањето во Србија за претстојниот „балон“ во АБА2.

„Имаме преколен ритам периодов, натпревари кои се сите дерби дуели и секоја утакмица е приказна сама за себе. Така ќе биде и против Кожув, тие имаат добар тим и како што покажаа и во последната утакмица, можат да играат против било кого и било каде. Знаејќи дека по овој натпревар веднаш патуваме за Златибор, со победа би се направила уште подобра атмосфера и би ни дало одреден мир за натпреварите од АБА2“ – изјави за ЕКИПА, Марјан Младеновиќ.

Од таборот на центарци знаат за тежината на натпреварите во Златибор, меѓутоа засега мислите се насочени кон „црвено-белото дерби“.

„Ќе биде многу тешко на натпреварите во АБА2, но ние одиме на победа на секоја утакмица. Сега сме сконцентрирани на Кожув, а потоа ќе мислиме на тие дуели“ – додаде бекот на тимот од „Градски Парк“.

Дербито на треттото коло е закажано со почеток од 16 часот.

Се вчитува...