Женската селекција на Македонија за кошаркарки до 17 години го освои второто место на турнирот што се одржуваше во Букурешт, откако денеска славеше над втората селекција на Романија со преубедливи 93-26.
Откако вчера беа поразени убедливо од А-селекцијата на домаќинот, нашите млади кошаркарки денеска се прикажаа во далеку подобро светло, доминираа целосно на теренот и лесно стигнаа до убедлива победа. Победникот беше решен уште во првиот дел во кој Македонија имаше преубедливи 62-17, позитива што беше дополнително зголемена до самиот крај и конечните „плус 67“.
Милосављевиќ беше најефикасна во нашите редови со ефект од 13 поени и шест скокови, а Колева и Трајковска ја следеа со по 11 реализирани поени.
Впрочем, сите кошаркарки кои влегоа во игра стигнаа во листата на стрелците, што е дополнителен добар момент за оној вкупен впечаток за прикажаното во овие три изминати дена од престојот во Букурешт како дел од Rising Stars“турнирот во организација на кошаркарската федерација на Романија.
Попладнево, од 16.30 часот, својот трет натпревар на турнирот ќе го одигра и нашата машка селекција „Под 17“ години. За противник ја имаат соодветната репрезентација на Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
