Младоста го надигра искуството: Феникс 2010 со сензационална победа против Еуро Никел

Феникс 2010 приреди уште една сензација во македонската кошарка откако во 5. коло од Суперлигата славеше со 76-67 против вицешампионот Еуро Никел. Младиот состав чиј годишен просек на овој натпревар беше 20.4 години одигра фантастично во одбраната каде целосно го неутрализираше најсилното оружје на искусниот противник со 30.5 годишен просек – играта во рекетот, 40. минути го контролираше резултатот и сосема заслужено стигнаа до втората победа во победничка фаза од првенството.

Феникс 2010 одлично го заштити рекетот на отварањето на средбата и дозволи само два поени за четири минути игра, а одигра одлично и во нападот каде стигна и до поени по укадени топки па поведе со 9-2. Еуро Никел благодарение на добрата одбрана успеа да врзе поени во низа, но кавадарчани не ги служеше шутот за три поени, а и младиот состав на Дервишевиќ ги консолидираше редовите, продолжи со добрата игра на двете страни па ја зголеми предноста на 21-11 по првата четвртина. Гостите во продолжението од првото полувреме успеаја да го најдат ритамот во реализацијата за три поени па со серијата од три едно по друго експресно ја вратија резултатската неизвесност (23-20). Домашниот тим одговори со добра игра ‘два на два’, продолжи да го штити рекетот со удвојување па ја задржа предноста, но и ‘сино-белите’ останаа расположени зад линијата 6,75 па со тројката на Димчевски поведоа со 31-32. Сепак новајлијата не дозволи дополнително одлепување на противникот, реализираше преку Митревски и Михајлоски за на полувремето резултатот да гласи 37-37.

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое продолжи и добрата заштита на рекетот од домашните играчи. А, Феникс 2010 имаше и за што да жали бидејќи промаши отворени обиди за три поени, но добро ги користеше обидите од втора шанса па и покрај мирната рака на гостите од линијата за слободни фрлања ја задржа предноста по 30. минути игра (55-51). Агресивната одбрана на Еуро Никел на почетокот на одлучувачката четвртина го наруши ритамот на ‘виолетово-жолтите’ па гостите се доближија на негатива од еден напад, но младиот состав на Дервишевиќ продолжи со добрата одбрана, во вистински проработе и нападот па ја врати предноста на 64-58. Тајм-аутот на Самарџиев не вроди плод, а по неколкуте промашени обиди на двете страни Феникс со серија од 8-0 стигна до двоцифрена предност (72-58) која беше преголем закал за вицешампионот.

Павле Михајловски со 28 поени беше главен виновник за големиот триумф на Феникс, додека кај поразените Димчевски заврши со 16 поени.

Се вчитува...