МЗТ Скопје ги „меле“ ривалите – лесно освоено и Кавадарци

Серијата одлични игри и резултати на МЗТ Скопје продолжи и на денешното гостување на актуелниот шампион против Еуро Никел, во кое избраниците на Александар Петровиќ го декласираа вицепрвакот со убедливи 75-95. По убедливите победи над Гостивар (плус 22), Пелистер (плус 19) и ТФТ (плус 23), „металците“ со ново беспрекорно издание стигнаа до бодови, истакнувајќи ја кандидатурата за нов шампионски трофеј.

„Сино-белите“ беа подобар ривал од самиот почеток на мечот, но кавадарчани успеаја да се вратат и со двете тројки на Дубински да намалат на 18-19 на крајот од првата четвртина. Во шутерски ритам влезе и Димчевски, по што Еуро Никел за момент поведе и со „плус три“ (26-23). Петровиќ не беше задоволен од она што го гледаше, па на половина од втората четвртина побара тајмаут при водство на својот тим од 28-29. Советите беа добредојдени и експресно спроведени во дело бидејќи МЗТ апсолутно доминираше во преостанатите пет минути, на одмор заминувајќи со убедливи 34-49.

Аеродромци продолжија во ист ритам и на стартот од третата четвртина, кога со поените на Војдан Стојановски и на Мекиќ поведоа со дваесет поени (34-54). Убедливата предност беше задржана до самиот крај, МЗТ не дозволи домашните кошаркари ниту за момент посериозно да се приближат, а тренерите Самарџиев и Петровиќ во завршницата им дадоа шанса и на дел од помладите кошаркари. На крајот, МЗТ Скопје славеше со убедливи 75-95, за осма победа во низа на аеродромци над ривалот од Кавадарци.

Милошевиќ со 18 поени, 7 скока и пет асистенции беше главна фигура во победничкиот тим, каде се истакнаа и Ајви со 13 и Крстевски со 12 поени. Во таборот на Еуро Никел најефикасни беа Дубински со 11 и Џекиќ и Караколев со по 10 поени.

Се вчитува...