МЗТ Скопје го совлада Феникс 2010 и ја продолжи трката за прво место

МЗТ Скопје ја продолжи трката зад Пелистер за врвот на мак-баскетот откако во 3. коло од Суперлигата славеше на гостински терен против Феникс 2010 со 70-78. Аеродромци благодарение на добриот почеток на мечот рано стигнаа до посакуваната предност, а истата умешно ја користеа во поголемиот дел од истиот, одолеаја на налетот на новлијата во последната четвртина и стигнаа до нови два бода.

Отварањето на натпреварот му припадна на МЗТ Скопје кој умешно ги користеше промашените обиди и изгубените топки на домаќинот на спротивната страна од паркетот. Феникс успеа да направи предност во нападот, но не и да ги искористи отворените обиди, на спротивната страна аеродромци стигнаа и до поени од втора шанса па поведоа и со двоцифрена предност 5-16, а истата ја задржаа и по 10. минути игра (11-23). Добрата одбрана продолжи да биде адут на МЗТ Скопје и во втората четвртина во која со истата „виолетово-жолтите“ беа приморени на обиди од неизгредни позиции, а „сино-белите“ стигнаа и до лесни поени во транзиција со кои предноста се искачи на 11-31. Сепак тајм-аутот на Дервишевиќ ги промени односот на теренот и Феникс 2010 заигра на ниво во нападот и одбраната. Младиот состав најде решение во нападот, реализираше и зад линијата 6,75 па ја сведе негативата на едноцирена, но последните поени во првиот дел од мечот му припаднаа на Николов кој реализираше за три поени за + 12 (35-47).

На отварањето на второто полувреме акцентот беше ставен на одбраната, но шампионот го одби обидите на новлијата за дополнително намалување на негативата, го наметна својот ритам во нападот и поведе со 48-66 по 30. минути игра. А, кога се чинеше дека актуелниот шампион ќе приреди мирен финиш, Феникс 2010 повторно го покажа својот натпреварувачки дух, не се предаде и одигра одлично на двата дела од теренот. Домаќините дозволија само два поен за пет минути игра, го исконтролираа скокот и стигнаа до лесни поени за негатива од само еден напад (66-68). Сепак тајм-аутот на Петровиќ ги консолидираше редовите на МЗТ Скопје, по што следеше одговор од Дејвис и Мекиќ за 66-73, а аеродромци ја задржаа предноста до самиот крај.

Бојан Трајковски со дабл-дабл од 25 поени, 16 скока и 3 асистенции беше лидер на Феникс 2010, додека по девет поени постигнаа Митревски и Вилијамс. Кристијан Николов го предводеше МЗТ Скопје со 12 поени, додека 10 поени додаде Ајви.

Се вчитува...