МЗТ во шампионски ритам, го најде лекот и за ТФТ

МЗТ Скопјe уште еднаш ја потврди одличната форма во која се наоѓа, демолирајќи и трет ривал во СЦ „Јане Сандански“. По Гостивар и Пелистер, „металците“ вечерва беа убедливи и против ТФТ, славејќи со резултат 104-81, за одмазда за поразот во куп-финалето од пред неколку месеци, но и неуспехот на стартот од Супер-лигата. „Сино-белите“ одиграа беспрекорен меч во кој 40 минути целосно го контролираа резултатот, за очигледно кревање на формата по пласманот во АБА1-лигата и истакнување на кандидатурата за нова шампионска титула.

„Металците“ тргнаа фуриозно од самиот почеток, го отворија натпреварот со 7-0, а една минута подоцна имаа и предност од 11-2. Милошевиќ со забивање во 5. минута го донесе првото двоцифрено водство на аеродромци (15-4). ТФТ се консолидираше и од 17-4 намали на 19-16, но ситуацијата се врати во нормала за МЗТ по тајмаутот што го побара тренерот Петровиќ. Советите на стратегот на „сино-белите“ вродија со плод, па актуелниот првак направи серија од 11-0 и ја доби првата четвртина со 30-19.

Со поените на Милошевиќ и на Мекиќ домашните кошаркари поведоа со 48-31, но ТФТ се разбуди пред крајот на полувремето и на одмор се замина со предност на МЗТ Скопје од 55-41, по поените на Ајви (два плус еден) во последната секунда.

Третата четвртина мина во огромна тензија на двете страни, судиите не успеаја да ги исконтролираат тренерите и клупите, па се решија со технички грешки да го намалат притисокот, додека на теренот МЗТ рутински ја одржуваше предноста. Американецот Хортон играше одлично за ТФТ, но гостите не успеаја да ja спуштат негативата под десет поени. Напротив, МЗТ дополнително ја зголеми својата предност, со поените на Рикиќ во 33. минута поведе со „плус 20“ (87-67), за актуелниот првак на крајот да слави со убедливи 104-81.

Рикиќ беше најефикасен со 21 поен, 17 постигна Милошевиќ, додека Ајви го заврши мечот со 14 поени. Во таборот на ТФТ најефикасен беше Хортон со 28 поени.

 

Се вчитува...