Францускиот фудбал е пред банкрот!

Француските клубови се пред банкрот и многумина од нив веројатно нема да се извлечат, откако се раскина договорот со сопственикот на ТВ-правата. Во 2018 година, управата на Лига 1 потпиша договор со шпанската компанија „Медијапро“, која се обврза од сезоната 2020/2021-та, да плаќаат 815 милиони евра по сезона, или 3,25 милијарди за времетраење на целиот договор до 2024 година. Ова беше втор најголем договор за ТВ-правата на професионалната лига во Европа веднаш по Премиер лигата и се чинеше дека Французите имаат светла иднина.

Лигата потпиша договор со сомнителна компанија која не даваше финансиски гаранции дека ќе се придржува до договорот. Французите разбраа со кого си имаат работа, откако Серија А одби да соработува со „Медијапро“, па наскоро стана јасно колку грешат.

Спасот требаше да го понуди „Канал плус“, кој чекаше да пропадне договорот со „Медијапро“. Француските медиуми пишуваа дека куќата ќе ги преземе ТВ-правата, но дека ќе ја искористи ситуацијата за да ги добие правата за многу помалку пари. „Канал плус“, наводно, бил подготвен да плати околу 650 милиони евра по сезона, што беше премалку, но лигата немаше друг избор.

Ова значи дека клубовите ќе започнат да ги продаваат своите најдобри играчи во зимскиот преоден рок, далеку под цената, затоа што едноставно повеќе не можат да им плаќаат. Дури и супербогатиот ПСЖ, кој веќе загуби 125 милиони евра во период на пандемијата, е во неволја и сега побара помош од француската влада за исплата на плати на вработените во клубовите кои не вклучуваат играчи, како што тоа го правеа помалите клубови одамна. Сопственикот на Лил мораше да ги продаде своите акции во инвестицискиот фонд за да исплати плати на сите во клубот, а во многу полоша ситуација се и помалите клубови за кои парите од ТВ-правата беа најголем дел од заработката.

Се вчитува...