Веќе следниот месец ќе стартува Мундијалот во Катар, Светско фудбалско првенство кое потсетува на најголемите историски натпревари, скандали и супер голови. Особено се паметат грешките, намерни и ненамерни, заговори и скандали кои директно и индиректно влијаеле на резултатот во речиси 100-годишната од постоењето на СП. Ги имаше многу, а ова е список на најнезаборавните:
Бојно поле во Нирнберг (Германија 2006)
Дуелот меѓу Португалија и Холандија во осминафиналето во Германија во 2006 година беше повеќе од битка отколку фудбалски натпревар. Рускиот судија Валентин Иванов загуби контрола на стартот од мечот. Марк ван Бомел веќе во втората минута доби жолт картон, а до крајот судијата покажа 16 жолти и четири црвени картони, што е апсолутен рекорд на Светското првенство. Се запамети дека не го исклучи Луис Фиго, кој со глава удри противнички играч, што според сите правила е директен црвен картон. Португалија победи со 1-0 со голот на Маниш и се пласираше во четвртфиналето. Тогашниот тренер на Португалија, Луис Фелипе Сколари, го одобри ударот со глава на Фиго, велејќи – Исус Христос може да прости, но Фиго не е Исус Христос.
Ако кокаинот е дрога … (САД – 1994)
На теренот или надвор од него, Марадона беше секогаш во центарот на вниманието. Така беше и во 1994 година. Аргентина одлично го стартуваше првенството во САД. Предводени од Диего ги совладаа Грција со 4-0 и Нигерија со 2-1. Сепак, допинг контролата извршена помеѓу вториот и третиот натпревар покажа дека Марадона бил позитивен на забранетата супстанца ефедрин. После тоа беше кажано дека во крвта се пронајдени дури пет забранети супстанци, меѓу кои и кокаин. Тој веднаш беше суспендиран иако Диего тврдеше дека е невин и дека не искористил ништо за да му помогне да играта подобро. Аргентина го загуби следниот натпревар од Бугарија и заврши на третото место во групата. Во осминафиналето беа поразени од Романија со 3-2 и неславно го завршија учеството на шампионатот каде беа меѓу фаворитите за висок пласман. Ова беше последно натпреварување во кое Марадона го носеше дресот на репрезентацијата.
Зидан и Матераци (Германија – 2006)
Во 2006 година, Зинедин Зидан беше еден од најдобрите играчи во светот. Ја одведе Франција до финалето во кое „триколорите“ беа фаворити против Италија. Сепак популарниот Зизу не го издржа притисокот. Не ја издржа провокацијата на Марко Матераци на крајот од продолжението и го удри со глава во градите. Доби директен црвен картон. Интересно е што натпреварот заврши 1-1, а стрелци беа Зидан и Матераци. Титулата им припадна на Италијанците по подоброто изведување пенали, а можеби исходот ќе беше поинаков доколку Матераци не завршеше голема работа и го елиминираше главниот француски адут пред крајот на мечот.
Црните дресови на Мусолини (Франција – 1938)
На Светското првенство во 1938 година, Италија ја одбрани титулата освоена четири години претходно. „Аѕурите“ во четврт-финалето играа против домаќинот Франција. За Французите и голем број Италијанци тоа беше можност да го изразат своето незадоволство од фашистичкиот режим на чело со Мусолини, кој владееше со Италија во тоа време. Италијанците требаше да облечат бели дресови на тој меч, бидејќи Франција како домаќин имаше право на сини дресови. Меѓутоа, Мусолини им наредил на Италијанците да излезат во црни дресови (Maglia Nera), кои биле симбол на фашистичкиот режим. Тоа го направија и Италијанците, кои пред натпреварот ја поздравија публиката со познатиот фашистички поздрав. Ја победија Франција со 3-1, а подоцна вторпат по ред ја освоија титулата најдобри на планетата со триумфот од 4-2 против Унгарија.
Убиството на Андреас Ескобар (САД – 1994)
Најстрашниот настан во историјата на Светското првенство се случи десет дена по неговото завршување, но причина за убиството беше она што се случи на Мундијалот. Колумбија предводена од селекторот Франциско Матуран дојде со силен тим, но под голем притисок да произведе врвен резултат. Тогаш огромно влијание имаа нарко картелите кои не беа задоволни од изборот на играчи за Мундијалот. Ги загубија првите два меча од Романија со 3-1 и од домаќинот Соединетите Американски Држави со 2-1. На тој меч Андреас Ескобар си постигна автогол и по тој меч Колумбија ја загуби секоја шанса за пласман понатаму. Само десет дена подоцна, кога играчите се вратија во Колумбија, Ескобар беше застрелан во предградие на Меделин. Се претпоставува дека причина за убиството била неговиот автогол. На неговиот погреб присуствувале 120.000 луѓе, а во 2002 година во негова чест била поставена статуа во Меделин. За убиството беше обвинет телохранителот на еден од картелите, кој првично беше осуден на 43 години, но одлежа само 11 години.
„Божјата рака“ (Мексико – 1986)
„Божјата рака“ е приказната која веројатно е раскажана најмногу пати во речиси 100-годишната од Светските првенства. Во четврт-финалето на првенството во Мексико во 1986 година, се соочија Аргентина и Англија. Во тој момент односите меѓу двете земји беа многу затегнати, имајќи предвид дека четири години претходно тие војуваа за Фолкландските острови или како што ги нарекуваат Аргентинците, Малвинските острови. Во 51. минута од натпреварот топката беше испратена во шеснаесетникот на Англија. Кон неа тргна голманот на Гордиг Албион Питер Шилтон. Сепак, Диего Марадона, најнискиот играч на теренот, го совлада и со рака ја испрати топката во мрежата. На запрепастување на Англичаните, судијата покажа на центарот и не помогнаа нивните објаснувања дека голот е постигнат со рака. Марадона со задоцнување рече дека тоа е „Божја рака“ (La mano de Dios). Подоцна Аргентинците му пееја многу песни на легендарниот Ел Пибе. До крајот на мечот Аргентина постигна уште еден гол и влезе во полуфиналето каде ја совлада Белгија. На крајот ја освоија втората титула светски првак со победата против Германија во конечни 3:-2. Се подразбира дека Марадона беше најдобар играч на првенството.
Сталинградскиот код (Англија – 1966)
Во финалето на Светското првенство во 1966 година помеѓу Англија и Германија, се случи еден од најконтроверзните моменти во историјата не само на фудбалот, туку и на спортот. Судиите директно го решија светскиот шампион. Натпреварот во регуларното време заврши 2-2. Во судиското продолжение во 101. минута Англичанецот Џеф Херст шутираше кон голот на Германија. Топката удри во пречката и падна на гол-линијата. Судијата Готфрид Динст не беше сигурен дали тоа е гол или не. Сепак, Тофик Бахрамов, судијата од Советскиот Сојуз му сугерираше дека топката ја мина линијата. И до ден денес не постои агол што може да го потврди тоа. Подоцна Херст го потврди триумфот во судиското продолжение и Англија за прв и засега единствен пат стигна до титулата – светски првак. Постои дури и легенда дека кога Бахрамов го прашале како е сигурен дека е гол, тој одговорил само со еден збор „Сталинград“. Тој алудираше на градот во кој германските нацисти убиле 75 илјади негови сонародници за време на Втората светска војна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА