Немаше „весела математика“: Англија ја реши Чешка, сега ќе ја чека „групата на смртта“

Англија триумфираше со 1-0 над Чешка во решавачкиот меч од третото коло во групата Д, резултат со кој „гордиот албион“ го осигура првото место иако тоа му носи и далеку потежок ривал во осминафиналето. Имено, Англичаните како победници во групата сега ги очекува дуел со второпласираната селекција од групата Ф, која важи за „група на смртта“ бидејќи во неа се натпреваруваат Франција, Германија и Португалија, ривали кои ќе бидат вистински предизвик за избраниците на Герет Саутгејт во осминафиналето.

Од самиот почеток стана јасно дека Англија ќе игра офанзивно, откако во почетните минути Стерлинг излезе очи в очи со чешкиот голман, но неговиот удар заврши во дирекот. Се играше 12. минута кога Англија дојде во водство, Грилиш одлично нафрли, а Стерлинг на вториот дирек со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата.

Англичаните потоа знаеја како да ја задржат предноста и во второто полувреме, со влегувањето на Санчо и на Рашфорд имаа динамика во нападот, па иако не постигнаа втор гол ја чуваа топката далеку од сопствениот шеснаесетникот. Пред крајот на мечот мрежата на Чесите ја затресе и Хендерсон, но тој гол беше поништен поради офсајд.

Се вчитува...