Николов: Досега многупати покажавме дека не смее никој предвреме да не отпишува, во Грузија ќе одиме на победа

Македонија со победа го заокружи првиот дел од Лигата на Нации. Во четирите средби, македонската селекција освои седум бода, со две победи над Гибралтар, едно реми и еден пораз од Грузија.

Токму тој пораз може на крајот Македонија да ја чини прво место во групата, со оглед дека нашата селекција во Тбилиси треба да брка победа од три или повеќе голови разлика. Тоа според репрезентативецот Бобан Николов е можно, и додаде дека нема да се предадат се додека има шанси.

„Неколку пати ние покажавме дека во фудбалот се е можно, така што сега имаме шанси за првото место. Одиме во Грузија на победа, и ќе се надеваме до последното коло дека можеме да бидеме први во групата“, рече Николов.

Играчот од средниот ред ја коментираше играта на дебитантите во националниот тим. Во овие четири натпревари Македонија доби дури седум дебитанти: Илиев, Серафимов, Димоски, Етеми, Фазлагиќ, Гроздановски и Доријан Бабунски.

„Задоволен сум од тоа како се однесуваат дебитантите и младите. Тие брзо се вклопија во репрезентацијата, а тоа го покажаа и на натпреварите со Гибралтар. Ги исполнуваат сите задачи, тие се вистинско освежување. Одлично се вклопуваат, а ние  сме тука да им помогнеме да им биде полесно“, коментираше Николов.

Се вчитува...