Продолжува „војната“ во Баерн: Салихамиџиќ и Кан најавија казна за Нојер

Жесток судир на релација Мануел Нојер и раководство на Баерн во редовите на германскиот шампион.

По интервјуто на Нојер во кое ја критикуваше управата поради отпуштањето на тренерот на голманите, Тони Топаловиќ, веднаш следеа реакции најпрво од Оливер Кан а потоа и од спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ.

„Разбирам дека тој лично е вознемирен. Но, од него баш како капитен очекував поинаков став. Разочаран сум. Овие изјави не погодуваат, затоа што Мануел личните интереси ги стави пред интересите на клубот. Тешката одлука во врска со Топаловиќ немаше никаква врска со Нојер и точно му е објаснета. А Баерн сега има сериозен проблем со Нојер. Ако има последици, прво за нив ќе разговараме“ – изјави Салихамиџиќ.

Според „Билд“ германскиот голман би можел да добие казна од Баерн, поради изјавите кои го нарушувале имиџот на клубот.

„Тоа што Мануел го кажа во врска со раскинот на договорот со Топаловиќ не му служи на чест, од позиција капитен на тимот. Не е добра работа да се рушат вредностите на Баерн. Неговите изјави се во неприкладен момент, затоа што пред нас е важен натпревар“ – рече Кан за „Билд“.

Нојер, како што е познато, беше бесен откако дознал дека тренерот на голманите е отпуштен по 11 и пол години, а подоцна имаше обвиненија дека Нагелсман наводно дознал дека Топаловиќ дели некои важни информации од стручниот штаб со Нојер, а овој со останатите играчи.

„Отстранувањето на Тони силно влијаеше на мене. Сите меѓу голманите сме длабоко повредени. Беше тоа нешто неверојатно. Удар за мене кога веќе бев на земја. Ништо не разбирам и тоа многу ме мачи. Беше тоа нешто најбрутално што сум го доживеал во кариерата, а сум поминал се и сешто“ – изјави Нојер откако дозна за отказот на Топаловиќ.

Нојер во моментов поради повреда е надвор од екипата, а прашање е дали следната сезона и ќе биде повторно член на Баерн Минхен.

Се вчитува...