Нов хаос во Марсеј – Вилјаш Боаш си поднесе оставка

Кризата во Олимпик Марсеј уште повеќе се продлабочи откако Андре Вилјаш Боаш си поднесе оставка поради серијата одлуки на клупската управа за кои не бил информиран. Навивачите веќе беа бесни на челниците на клубот, поради што викендов влетаа во тренинг-кампот на Олимпик по што беше одложен закажаниот натпревар со Рен, а ситуацијата е уште посериозна откако Вилјаш Боаш, еден од ретките кои ја имаа поддршката на јавноста, реши да си поднесе оставка.

Португалецот се уште нема одговор од управата дали истата е прифатена, но делува решено да си замине од „Велодром“. Екс-тренерот на Челси и на Порто како причина го наведе неконсултирањето при заминувањето на важни играчи како Сансон (во Астон Вила) и Радоњиќ (во Херта), но и доведувањето на Нчам од Селтик, засилување кое воопшто не се вклопува во тактичките замисли на овој стратег.

„Не само што Нчам не беше моја одлука, туку беше фудбалер за кого децидно кажав дека не ми е потребен во тимот. Не ни знаев дека уште се преговара откако го одбив, па нормално дека бев шокиран кога се разбудив и на клупската веб-страница прочитав дека овој фудбалер е донесен во Марсеј. Си поднесов оставка со образложение дека како тренер не сум вклучен во спортската стратегија. Не барам пари, туку почит. Се уште немам одговор од клубот за понудената оставка“, истакна Вилјаш Боаш.

Се вчитува...