Нова победа на Лион за прво место во Лига 1

Играчите на Лион ја оправдаа фаворитската улога против Брест, па со резултат од 2-3, обезбедија нова победа за плус три поени и освојување на првото место во Лига 1.

Лукас Пакета го отвори натпреварот во првото полуверме, постигнувајќи гол уште во 09. минута. Играчите на Лион покажаа голема одлучност и мотивираност, па овој резултат во 29. минута го зголемија на 0-2, стрелец на голот беше Хаусем Ауар. Доминацијата на Лион продолжи до крајот на полувермето, а Мемфис Депај мирно реализираше од пенал и во 44. минута донесе голема предност од три гола, па обезбеди мирен натпревар на неговите соиграчи.

По 13. минути игра во вториот дел, домаќините ја намалија предноста на 1-3, а стрелец на голот беше Брендан Шардонет.

Играчите на Лион веројатно се опуштија по одличното прво полуверме и навидум големата предност, па дозволија изненадување и паника во своите редови. Во 74. минута уште еднаш беа приморани да ја извадат топката од сопствениот гол, Ирвин Кардона беше стрелец за домаќините, па Брест намали на 2-3. Сепак, на крај играчите на Лион се наградија со нови три поени и ја обезбедија првата позиција во Франција.

Лион сега е на првото место, а има еден натпревар повеќе од главните конкурентни, Лил и ПСЖ.

Се вчитува...